Во едни градови има мерки за вработување, во други колку да се каже со што е прекршен Законот за рамномерен регионален развој, констатира Државниот завод за ревизија во извештајот на работата на Агенцијата за вработување во 2024 година. Градовите кои имаат повеќе луѓе добиваат повеќе пари, а оние со помалку добиваат уште помалку, па и тие што останале се иселуваат.
За мерки и програми за вработување во 2024 година биле потрошени над 23 милиони евра. Половина од овие пари одат за поддршка за самовработување. Во пет града биле потрошени две третини од парите.
Во Скопје биле потрошени 20 отсто од парите за самовработување, Тетово 17 отсто, Струга 10 отсто, Гостивар 8 отсто и во Куманово 7 отсто. Сите останати 25 центри за вработување заедно добиле 38 отсто.
- Државен завод за ревизија: „При распределбата на средствата не е обезбеден принципот на рамномерен регионален развој. Кај одделни активни мерки исплатите во скопскиот и дел од западните плански региони ја надминувале утврдената квота и до четири пати, додека регионите од централниот и источниот дел на државата добиле помал обем на средства“, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Ревизорите посочуваат дека треба да се направат 8 различни ранг листи за осумте плански региони, па ако во едни нема доволно интерес да се префрлат во други региони.
Во Агенцијата за вработување велат дека интересот за одредени мерки, бројот на апликации и успешноста на кандидатите се разликува по региони.
Велат дека не фаворизираат одредени подрачја, туку се воделе од бројот на активни баратели на работа, структурата на невработените, економската активност, бројот на заинтересирани работодавачи, како и подготвеноста на кандидатите да ги исполнат условите за конкретни мерки.
За обуки за напредни ИТ вештини во 2024 година, Агенцијата потрошила скоро 1,4 милиони евра. Биле обучувани 735 невработени, но на крај положиле само 184, односно една четвртина од кандидатите. На некои модули, положиле само 8 отсто од луѓето кои ја посетувале обуката. Според Државниот завод за ревизија, тоа ја прави оваа мерка неефикасна и покрај потрошените пари.
Во Агенцијата велат дека успешноста зависи од претходното знаење, посветеноста и ангажманот на самите кандидати и дека ги анализираат резултатите за да се подобри селекцијата на кандидати во иднина.
Ревизорите констатирале и други проблеми – 77 отсто од парите за адвокатски трошоци биле потрошени на еден адвокат, без соодветна контрола на фактурираното, како и дека биле извршени вештачења од 14 илјади евра, без постапка за јавна набавка.
Срѓан Стојанчов
