Црвениот круг е локацијата за која е предвидена новата гасна централа за горење отпад.
На неколку километри од Неготино, до меѓународната пруга, понуда која од владата ја опишуваат како идеална за справување со отпадот во најголем дел од државата.
Ќе чини 336 милиони евра, дадени од странски инвеститор. Но локалните еколошки организации се сомневаат бидејќи во државата главно не се остварува она што ќе се нацрта во проект.
-Има голем проблем тука, од податоците на заводот за статистика за 2020 година од најaвените 5 плански региони или 48 општини од каде ќе се гори отпадот, се собира околу 330 илјади тони комунален отпад. Постои опасност, инвеститорот за да ги задоволи своите потреби на централата од како што се најавува 1 милион тони годишно отпад, тој да увезува отпад и тоа да му е многу поефтино отколку да го собира, селектира и транспортира од цела Македонија. И проблемот со отпадот не би се решил. Сепак станува збор за загадувачка индустрија и не е точно како што изјавуваат високи функционери од власта дека ќе биде затворен систем без оџак. Материјата не може да се создаде ниту да се изгуби туку може да премине во друг вид на соединение при што се ослободува енергија. Решенијата не треба да се бараат со брзи постапки туку системски и со експерти од многу области, ни изјави Сашко Тодоров од Еко-вита, Неготино.
Министерот за екологија кој веќе ги заработи првите зелени поени од пластично шише фрлено во апарат за собирање отпад за рециклажа, тврди дека не е предвиден толку голем опфат на отпад и нема да се дозволи да се увезува.
Се ќе биде европски, тврди Нуредини кој објаснува дека процесот на владиниот тим задолжен за оваа понуда од приватен инвеститор се уште е во фаза на евалуација.
-Но не станало збор за увезување на отпад, тврди министерот за животна средина Насер Нуредини.
Еколошките сомнежи ги дополнува и тоа што досега најсериозниот и најаскап еколошки проект ќе биде дебитантска активност за домашниот инвеститор, иако од владата најавуваат ригорозна контрола.
-Фирмата која ќе го реализира проектот е формирана минатата година, не ми е јасно како може владата да прифати толку голема инвестиција од 330 милиони евра да ја предаде на фирма која нема реализирано ниту еден проект. Конкретно за нашиот случај имаме неофицијални информации од наши извори кои треба дополнително да се истражат а кои говорат дека експертот од Словенија што беше претставен на трибината во Неготино, бил дел од раководството на слична фирма во Словенија и во 2013 година словенечките власти воделе истрага за него. Овие информации кои треба секако да се доистражат појавуваат дополнителен сомнеж за целото работење на ваква фабрика во нашата Општина, рече Тодоров од Еко-вита.
Министерот Нуредини вели дека се врши длабинска детална анализа на инвеститорот од страна на владиниот тим.
Државата ќе треба да плати за пристапни патишта до капацитетот, а проектот и натаму ќе го промовира и објаснува на дебати со еколозите кои поради досегашните искуства го запалија црвениот аларм на недоверба.
Миомир Серафиновиќ
