Идеи за решавање на спорот со Бугарија веќе има на маса, се водат интензивни разговори со Софија, Брисел и други земји од ЕУ, откри амбасадорот на Словенија, кој денеска во Собранието ги презентираше приоритетите на Словенечкото претседателство. Но, деталите ќе ги кажат јавно кога ќе се постигне решение. Засега се потпираат на принципот „тивка дипломатија„.
Основа за решение е предлогот на Португалското претседателство за кој амбасадорот вели дека е добар, балансиран предлог, како и Патоказот. Прејдан рече дека би сакале прашањето да се реши пред декември или барем, да се постигне чисто гледиште до 6 октомври, кога ќе биде Самитот ЕУ – Западен Балкан, што е и главниот настан во текот на ова претседателство. Ќе се организира и уште една пленарна дебата на почетокот на септември, за тоа, каде се движи иднината на Европа, одобено во однос на Западен Балкан.
Членовите на Националниот совет за евроинтеграции укажаа дека евроскептицизмот во Македонија се зголемува. Поддршката за ЕУ никогаш не била под 70 отсто, а сега е падната на 59 отсто, особено кај помладата популација. Потсетија и на нашите црвени линии.
Од Сојузот на стопански комори побараа на Македонија да и` се овозможат преговори веднаш и тоа од еднакви позиции. Во спротивно, велат, тоа не се преговори.
Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека ги поздравуваат сите напори на претходните претседателства во однос на отворањето на преговорите и ќе ја поддржат и Словенија, за што побрзо да се дојде до решение.
Далиборка Демјанска Цветановска
