Илјадници амандмани ги чекаат сите закони што ќе ги поднесе Владата или пратениците од мнозинството. Ќе ги поднесуваат двајцата пратеници од Левица, кои сметаат дека Законот за државјанство не треба да биде донесен со европско знаменце и дека кривично треба да се одговара за злоупотреба на оваа алатка.
За ВМРО ДПМНЕ, ова е веќе видено однесување на Владата.
Алијанса-Алтернатива, чиј предлог за регулирање на државјанствата заглави во Комисијата за одбрана токму поради овој закон, е задоволна и воздржана. Го очекува законот на првата наредна седница.
А Владата уверува дека има основа за европско знаменце. Текстот поминал на последната владина седница.
Минатата година, Алијанса-Алтернатива побара државјанство да се добива со помалку години престој, македонскиот јазик да не биде задолжителен или, со тројца сведоци. Откако другите партии не го поддржаа, тие возвратија со блокада на законите за економска помош во услови на ковид. Деблокадата дојде по договорот на премиерот Заев со лидерите Села и Гаши, но и овој закон беше сопрен со амандманите на Левица.
Последниот предлог доаѓа од Владата со ист текст но со европско знаменце, кое не дозволува собраниската процедура да трае повеќе од пет дена. Се проценува дека законот ќе биде од помош за неколку илјади жители кои не успеале да се стекнат со македонско државјанство.
Соња Николовска
