Непрецизно бил напишан вториот дел од писмото кое Министерството за надворешни работи го упатило минатата недела до Министерството за култура, како инвеститор на споменичниот комплекс Мајка Тереза. Во него не се барало да се догради споменикот на плоштадот, туку се спомнало постаро барање од Ватикан, за изградба на светилиште на Мајка Тереза во родниот град. Ваков одговор добила министерката за култура Ирена Стефоска од министерот за надворешни работи Бујар Османи, при вчерашниот телефонски разговор.
Станува збор за недоразбирање. Значи не е прецизно срочено писмото, односно не станува збор за меморијалниот дом на Мајка Тереза на плоштадот, туку тоа е некое постаро барање на Светата Столица за некој вид светилиште во нашиот град. Така ми објасни мојот колега.
Иако го побаравме писмото со појаснување околу ситуацијата, од МНР не добивме одговор. Писмото е испратено и до Град Скопје. Од таму велат дека сеуште не го добиле , но се на став дека на споменикот кој е дивоградба не му е местото на плоштадот.
Градоначалникот на Општина Центар, Богдановиќ викендов изјави дека го добиле писмото од МНР. Но, ги добиле и материјалите од инвеститорот и дека како изготвувачи на ДУП-от Мал Ринг, каде се наоѓа споменикот, ќе му одговорат на МНР дека тој го спречува движењето на плоштадот и ќе бараат поништување на дозволата , дадена од Министерството за транспорт и врски.
Пред 2 години Владата одлучи дека е поефтино недоградениот споменик на Мајка Тереза, да се пренамени, наместо да се урне како што препорача работната група за „ Скопје 2014“. Од групата тогаш рекоа дека Општина Центар е надлежна за уривањето и дека не треба да чека став од Министерството за култура. Претходно, Владата испрати мислење до Општина Центар, во ревидираниот ДУП-Мал Ринг да се избришат маркичките за споменикот на Мајка Тереза и за Порта Македонија. Но, нејасно кажа дека не бара да се урнат, туку да се усогласи ДУП-от со мислењето на Работната група.
Споменикот на Мајка Тереза почна да се гради 2015 година , во време на владеењето на Груевски, откако пропадна најавата за донација од индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој заврши во затвор, поради неплатени инвеститори. Договорот за изградба беше 5, 5 милиони евра.
Сега се бараат модалитети за предавање на управувањето на Н.У. Спомен- куќа на Мајка Тереза на Католичката црква, што е второ барање од Светата Столица, во писмото од МНР до надлежните, рече министерката за култура.
Сотир Трајков
