Претседателот на кривичен суд Иван Џолев побарал, а судскиот совет само констатирал дека поротникот Митко Сандев има 60 години и со тоа му прекинува мандатот.
Со ова ќе мора да се назначи нов во судечките совети каде Сандев учествувал. За процесите кои ги водел ќе има и нов старт.
А тоа од високо профилираните судења се оние за поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ кои ги гонеше поранешното СЈО.
Титаник најобемниот за изборни нерегуларности каде има стотици сведоци и илјадници прислушкувани разговори, сега ќе мора да се повтори.
Тука се и Талир за незаконското финансирање на ВМРО ДПМНЕ, Топлик за продажба на државното земјиште и Сончев Град и Тендери за незаконската изградба на музејот на ВМРО.
Некои се дури и во фаза на завршни зборови како што е Тендери каде е обвинета екс министерката за култура Елизабета Канчевска Милеска а чие рочиште вчера беше одложено поради дијареа на друга обвинета.
Со овие предмети и претходно со три кои ги водеше советот на судијата Горан Бошевски од ново ќе почнат дури 7 иницирани од СЈО. во нив се обвинети Никола Груевски, Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер, Гордана Јанкуловска, Кирил Божиновски, Илија Димовски и други.
Шпански скали не е на СЈО но и тој сега ќе мора да почне од почеток бидејќи и таму го води советот во кој беше поротникот.
Од кривичен не одговараат на прашањата на Телма, утре председателот Џолев ќе има брифинг за новинари.
Претседателката на судски совет вели дека дури сега испратиле иницијатива до Министерство за правда да се измени законот и поротниците како и судиите да се пензионираат со 64 години и сметаат дека така ќе се избегнат ваквите ситуации.
Во правда пак веќе две години фаќа прашина иницијативата на судијата Владимир Туфегџиќ со која се бара измена на ЗКП со која нема од ново да почнуваат судењата ако има пормена на членови на судечките совети.
Во однос на доставените иницијативи до Министерството за правда ве информираме дека тие се разгледуваат од страна на работна група која работи на изменување и дополнување на Законот за кривична постапка. Рокот за изменување на овој закон е до крајот на годината. Во работната група се вклучени судии, јавни обвинители, адвокати и претставници од други институции и професори. Работната група ги поминува сите членови до законот, започна со член 1, а досега е стигната до член 184, велат од Правда.
Инаку ваква ситуација со одолговлекување судски процеси се случиува многу често и самиот кривичен суд го констатирал ова.
Но, ретко кој судија поставува заменски поротници и судии, како еден од начините за да се спречи ваквата пракса.
Билјана Николовска
