Државниот обвинител Љупчо Јовевски од служебн пат во Русија одговори дека е подготвен да ја прифати функцијата судија на Уставниот суд доколку пратениците така одлучат. Јовевски со ова одговара на се погласните шпекулации дека по истекувањето на мандатот како прв човек на обвинителството може да добие нова функција, овојпат на 67-годишна возраст.
Во својот писмен одговор Јовевски ни рече: Одлуката ја носат пратениците и доколку тие сметаат дека со моето долгогодишно правничко искуство во Министерството за правда, како судија и како претседател на Основниот суд Скопје 2, јавен обвинител, член на Совет на јавни обвинители и државен јавен обвинител, можам да придонесам во работата на Уставниот суд, ќе ја прифатам оваа одговорна функција.
-Процедурата налага да бидам предложен во Комисијата за прашања на избори и именувања и да ја добијам на пленарна седница поддршката од пратениците. Сакам да нагласам дека ова за мене е голем предизвик со оглед на значењето на Уставниот суд во нашиот правен поредок, ни истакна Јовевски.
Во Уставниот суд во моментот има само 6-мина од вкупно 9 судии поради што е отежната работата и функционирањето на највисоката судска инстанца. Собранието треба да предложи и избере вкупно тројца кандидати.
