Опожарени 100-тина хектари земјоделска површина засеана со пченица и јачмен во тетовскиот регион за само 10-тина дена, при што е направена голема материјална штета. Тетовските пожарникари секојдневно интервенираат во гаснење на пожари на отворен простор. Речиси во сите случаи причина е човечкиот фактор, вели командирот Ука Алити.
Иако кубурат со опрема, Алити вели дека сепак успеваат да ги локализираат и изгаснат пожарите. Имаат само 9 камиони, кои се стари повеќе од 30 години, па честопати поради дефекти, неколку од нив и не се употребливи. Теренско возило, кое овој период им е најпотребно, имаат само едно.
Територијалната противпожарна единица во Тетово е во служба на над 250 000 жители во градот и 5-те околни рурални општини. Има 70 вработени, што е двојно помалку од законската регулатива, која предвидува 1 пожарникар на 1 500 граѓани.
Данијела Билбилоска
