Примислав Димовски, досегашен началник на единицата за интервентна полиција во составот на СВР Скопје е сменет и од понеделник ќе работи во Единица за стратешко планирање, стандарди и контрола на квалитетот, која е една од вкупно 16 организациони единици на Бирото за јавна безбедност. Од МВР потврдија и објаснуваат дека не станува збор за деградирање туку за унапредување иако новата позиција не е раководна.
-Лицето за кое прашувате, на негово барање е прераспоредено од Единицата за интервентна полиција. Неговата нова позиција според бројот на бодови претставува унапредување од претходната позиција, одговорија од МВР.
Засега нема информација кој ќе биде нов началник на интервентната полиција (единица која е создадена со спојување на поранешните Алфи и единицата за јавен ред и мир и е насочена за борба со уличниот криминал). Првичните претпоставки се дека некој од замениците на Димовски ќе ја преземе началничката позиција, иако има и шпекулации на тоа место да дојде некој од началниците на ЕВР-ата од Скопје.
Димовски меѓу колегите беше еден од посакуваните и предвидените кандидати за началник на СВР Скопје во мај, кога претходниот началник Тони Јаневски замина во пензија. Првично беше назначен Сашо Ингилизвски, но и тој на почетокот во август замина во пензија (на полицајците пензијата им се определува по бенефицираниот стаж, а не како за останатите граѓани со навршени 64 години).
Во август за нов началник на СВР Скопје беше назначен Музафер Каришиќ кој претходно беше началник на Единицата за внатрешни работи ЕВР Газибаба. Со тоа Каришиќ во хиерархијата се искачи над Димовски и во надлежност на Каришиќ е смената на Димовски од позицијата во интервентната полиција.
Димовски инаку беше во првоназначениот ешалон кога министер стана Оливер Спасовски. Беше началник на алфите како дел од техничката влада двапати во 2016-та. Потоа стана началник на алфите и во редовен мандат на Спасовски. Тој е еден од дваесетината началници кои се на позиција во полицијата од летото 2017-та кои за две години или беа пензионирани или беа префрлени на периферни места во структурата на МВР.
8-мина началници на СВР-а, началникот на внатрешна контрола, началникот на секторот за организиран криминал, началникот на 6-тата управа, а сега и началникот на интервентната се разрешени, а најголем дел се пензионирани.
Димовски пред да стане началник на алфите беше припадник на специјалната единица Тигар, беше истражител во СЈО, а е поранешен боксер кој учествувал на светски и европски првенства и сега е претседател на Боксерската федерација.
Миомир Серафиновиќ
