Лиз Трас ќе биде нов премиер на Велика Британија, сооштија денеска на прес конференција во Вестминстер, владеачките конзервативци.
Според резултатите од внатре партиските избори кај Ториевците, за Трас гласале 81 326 членови на партијата, додека нејзиниот ривал, Риши Сунак, ја добил поддршката на 60 399 конзервативци.
На изборите на новиот лидер на британските конзервативци и по автоматизам, нов премиер на државата гласале 82,6 проценти од членовите на партијата.
Лиз Трас официјално ќе стане премиер на државата по утрешната протоколарна средба со британската кралица во замокот Балморал во Шкотска.
Во своето прво обраќање, Трас му се заблагодари на нејзиниот претходник, Борис Џонсон, заради начинот на кој му се спротиставил на Владимир Путин, заради спроведување на Брегзитот, успешната кампања за вакцинација против Ковид-19 и заради убедливата победа против Лабурстите предводени од Џереми Корбин.
Таа најави и дека нејзиниот кабинет има план да се справи со енергетската криза , да го стимулира растот на британската економија и секако главниот приоритет на конзервативците – да ги намали даноците.
