Србија се согласи да го укине издавањето влезно-излезни документи за лицата кои имаат косовски лични документи, а Косово се согласи да не ги воведува за оние кои имаат српски лични карти, изјави денеска шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
Борел на Твитер наведе дека е „постигнат договор“ во преговорите меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ.
„Косовските Срби, како и сите други граѓани, ќе можат слободно да патуваат меѓу Косово и Србија, користејќи ги нивните лични карти. ЕУ штотуку доби гаранции од (косовскиот) премиер Албин Курти за ова“, рече Борел.
Тој додаде дека тоа е „европско решение“ и им честиташе на Курти и на претседателот на Србија Александар Вучиќ.
„Им честитаме на двајцата лидери за оваа одлука и за нивното водство“, додаде Борел
Истовремено и Албанија го поздрави постигнатиот договор меѓу Србија и Косово за документите, оценувајќи го како добра вест за регионот од која полза имаат и Албанците и Србите.
Премиерот Еди Рама им честиташе на двете страни велејќи „секоја чест за двете страни, едноставно логични работи”.
– Добри вести, решавање на прашањето за слободно движење меѓу Србија и Косово преку дијалог, и со честитки до двете страни. Се надевам дека ваквиот развој на настаните ќе го подигне дијалогот на ново ниво, за да не се троши бескрајно време и енергија во постигнувањето на нештата кои едноставно се логични како ова денес, напиша Рама.
Постигнатиот договор го поздрави и министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка.
Преку објава на Твитер Џачка пишува дека договорот е добра вест за регионот и дека Косово и Србија имаат договор од кој корист имаат и Албанците и Србите.
