Ќерката на еден од најблиските сојузници на рускиот претседател, Владимир Путин, Александар Дугин, е убиена во експлозија на бомба поставена во возилото со кое таа се превезувала.
Дарија Дугина загинала во експлозијата која се случила на автопат во близина на Москва, соопштија руските истражни органи.
Претпоставките се дека нејзиниот татко, рускиот филозоф Александар Дугин, кој на запад е нарекуван мозокот на Путин, веројатно бил цел на нападот.
Двајца учествувале на културниот фестивал „Традиција“, на имотот Закарово, каде свое обраќање имал Александар Дугин. Иако доцна синоќа требало заедно да се враќаат со истиот автомобил, во последен миг Дугин одлучил да не се враќа со својата ќерка , што на крај го спасило неговиот живот. На социјалните мрежи се појавија и снимки на кои се гледа како Дугин со неверување гледа во уништениот автомобил во кој се возела неговата ќерка. Иако немал никаква официјална функција во владата, Александар Дугин но и неговата ќерка силно ја поддржуваа инвазијата на Украина.
Дарија Дугина беше меѓу лицата санкционирани од САД и Велика Британија, кои ја обвинија 30 годишната жена заради ширење лажни информации за руската инвазија. Нејзиниот татко уште од 2015-тата година беше меѓу луѓето против кои се воведени западни санкции, заради неговата наводна вмешаност во руската анексија на Крим.
Иако засега нема никакви докази кој е одговорен за нападот, портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, оцени дека доколку биде докажана Украинска поврзаност, тоа би значело „државен тероризам“.
Дугин во 2018-та година беше во Македонија како гост на партијата на Јанко Бачев, Единствена Македонија. Тогаш Дугин тврдеше дека Русија нема да се меша во одлуката на Македонија за членство на НАТО, но потоа тој надворешно-политички дострел на државата беше критикуван во Кремљ.
-Сите шпекулации за наша вмешаност во Црна Гора, Македонија, Каталонија, Франција или други земји е чиста шпекулација. На сите им е потребен нов непријател. Тие го најдоа во Русија, но својот непријател го најдоа дури и во Америка, а тоа е Трамп, изјави Дугин во интервју за ТВ 21, во врска со наводите за честите руски хибридни закани во Македонија кои ги негираше како и евентуалната руска вмешаност во крвавиот четврток во Собранието на 27-ми април 2017-та.
