Во Министерството за правда во завршна фаза е текстот на новиот закон за помилување, за којшто, како што се најавува, во најскоро време ќе биде подготвена драфт – верзија.
Најзначајната измена што се предвидува е дека Претседателот ќе може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица.
Од Министерството за правда велат дека причините за донесување на нов закон за помилување произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот Закон за помилување (“Службен весник на РМ” бр. 20/93, 12/09 и 99/16), од аспект на неговата практична примена.
„Со предлог законот се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето. Една од најзначајните измени е дека Претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Втората позначајна новина предвидена во Предлогот на законот е формирањето Комисија во рамките на Министерството за правда која подготвува писмено образложено мислење за молбата кое Министерството за правда заедно со извештајот за молбата ги доставува до Претседателот. Со ова решение се очекува да се надминат досегашните можни ризици поврзани со дискрециските права на министерот за правда“, посочуваат од Министерството..
Помилувањето како институт е еден од основните уставни надлежности на Претседателот на Република Северна Македонија утврдени со член 84 од Уставот на Република Северна Македонија.
Содржано е и во членот 114 од Кривичниот законик со кој се уредуваат материјално-правните прашања на помилувањето.