-Сакам да разјаснам дека моите коментари беа темелени на моето долгорочно истражување и мислење како аналитичар на политики кој го следи проширувањето на ЕУ и чешката надворешна политика и тие коментари во никој случај не ја претставуваат официјалната политика на Чешка, објави вечерва аналитичарката Јана Јузова на својот Твитер профил.
Таа го дополнува својот твит со линк до напис од македонски медиум. Повеќе медиуми ја пренесоа нејзината изјава дадена на форумот „Еуропеум 2022 – Западен Балкан и ЕУ во 2022 година: што претстои“, кој го организираше Институт за европска политика (ЕПИ) кога наведе дека „чешкото МНР е многу вознемирено со Франција и Бугарија, зашто за предлогот не биле консултирани други земји членки, била консултирана само Бугарија, а останатите земји биле оставени во темнина“.
-Моите коментари се базирани врз долгорочната политика на Чешка кон процесот на проширување и се во согласност со официјалната изјава на Чешка и Словачка коишто одбиваат спорови за историја и за јазик, да станат услов за почеток на пристапните преговори со ЕУ, стои во уште еден објаснувачки твит на Јузова со линк до информација од време на германското претседателство со ЕУ.
Чешка од први јули го раководи претседателството со Европската Унија откако заврши францускиот мандат. Зборовите на Јузова беа користени во анализи во македонските медиуми, а според повеќе извори во официјалните кругови на Европската комисија и во Делегацијата на ЕУ во Македонија, предизвикала и изненаденост и вознемиреност. Поради тоа беше организиран дури и брифинг со новинари во Скопје.
Франција и Бугарија се договарале сами – вознемиреност во Чешка
Настапот на Јузова, за неусогласеност и неинформираност меѓу земјите членки на ЕУ за толку важно прашање како што во моментот е ситуацијата меѓу Северна Македонија и Бугарија, ги вознемири и европските дипломати во Скопје кои денеска пред група македонски новинари брифираа дека такви изјави не само што не кореспондираат со реалноста, туку и можат да му наштетат на процесот, објави 360 степени.
Попладнево пак Јузова го објави своето објаснување за анализата презентирана на настанот на ЕПИ.
Дипломатски извори исто така брифираа дека „нема можност за реотворање и измени на преговарачката рамка што ја предложи француското претседателство“.
