Вести Економија Топ вести

Реформа на пензискиот систем е неопходна, но без избрзани решенија и на штета на граѓаните, советуваат експертите

Неопходна е ревизија на пензискиот систем, но никако не смее да се носат избрзани решенија, советуваат експертите откако владините претставници повеќе пати најавија реформи, а не ја исклучуваат ниту можноста за укинување на вториот задолжителен пензиски фонд.

„Проблемот на некои луѓе кои што се задолжени за оваа работа им беше познат одамна, меѓутоа се ставаше под тепих, бидејќи не дојде акутна ситуација. Е сега веќе дојде акутна ситуација, бидејќи очигледно некои луѓе, колку што имам информација, први стотина граѓани, почнале да очекуваат пензии од тој фонд и проблемот веќе не може да се става под тепих и мора да се решава“, вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов при УКИМ.

Пензискиот систем во земјава го сочинуваат три столба, два задолжителни и еден доброволен. Вториот пензиски фонд се воведе во 2006 година, а целта беше дел од парите на вработените кои се задржуваат за пензиско осигурување да се инвестираат и оплодуваат со тек на време. Но, не се обезбедија приноси какви што се очекуваше, или најмалку да се поголеми од инфлацијата.

„Проблемот со вториот пензиски фонд е дека прво, јавниот долг, нели имаме дефицит во буџетот поради вториот пензиски фонд, што е проблем, се разбира. Mеѓутоа тој проблем е минлив, тој проблем е краткорочен, тој проблем всушност би требало да се подобри со вториот пензиски столб, затоа што сега ние имаме дефицит и јавен долг, меѓутоа во иднина тој дефицит и јавен долг ќе бидат помали, затоа што сега имаме дефицит, затоа што дел од приходите за пензии oдат во приватните фондови, меѓутоа сите пензии се исплаќаат од државниот фонд и затоа имаме повисок дефицит и повисок јавен долг, меѓутоа за неколку години тој пробем ќе се сврти“, вели Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар од Виенски институт за меѓународни економски студии.

Од Министерството за социјална политика ни одговорија дека променетите услови во кои денес функционира системот во однос на условите кога бил воведен, ја изнудија потребата за негово преиспитување и веќе се прават сеопфатни анализи од домашни и меѓународни експерти.

„Доколку во иднина се оцени дека се потребни промени, тие нема да бидат донесени политички или еднострано, туку врз основа на стручни анализи и препораки од надлежните институции, комисии и работни тела во кои ќе бидат вклучени домашни и меѓународни експерти. Тие ќе предложат модел кој ќе обезбеди целосна правна и финансиска сигурност за осигурениците, а сите евентуални решенија ќе бидат засновани на стручни мислења и детални анализи, со цел да се заштитат интересите на граѓаните и одржливоста на пензискиот систем“, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Според експертите, можни се повеќе решенија, но треба да се избере тоа кое што најмалку ќе ја чини државата, а при тоа максимално ќе ги заштити граѓаните.

„Значи, тој фонд може ако Владата реши може како што го создала, така и да го укине. Да ги собере парите што биле во меѓувреме уплаќани и оплодувани толку колку што биле оплодувани и да рече отсега натаму сите ќе добивате пензии пак само од првиот столб со тоа што средствата ќе се дополнуваат од буџетот, како што имено и онака се дополнуваат во првиот пензиски столб од буџетот секој месец. Дали е тоа најевтино и најпаметно решение не сум сигурен. Постојат и други решенија, може тие фондови да се спојат со некои други финансиски институции“, вели универзитетскиот професор, Ванчо Узунов.

„Она што би се направило во тој случај ако се навратиме на ситуација да имаме скрос државен пензиски фонд еден, практично да, тие пари нема да може да ги повлечеме ние од нашите сметки, меѓутоа не е дека ние сме оштетени, туку практично ќе ги добиваме на рати кога ќе се пензионираме, тоа е разликата. Не е дека ние имаме некоја штета. Ние тие пари ги немаме сега, тие ни стојат таму на сметка, ние ги немаме во џеб, тоа се фиктивно наши пари, така што не е тоа суштински проблем. Прашањето е дали ќе ги земеш одма парите или ќе ги земаш на рати во наредните 20 години“, вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

На анализа на вториот пензиски столб работат и членовите на Фискалниот совет, од каде велат дека станува збор за комплексна материја за која е потребно подолго време додека се изведат заклучоци и препораки.

Мирјана Јовеска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Синдикатот по загинувањето на работник на Пречистителната – Градилиштата станаа минско поле

Дејан Дејан

Ограничениот напредок во заштитата повторно го враќа Охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност

Дејан Дејан

Трамп: Ќе ги бомбардираме електричните централи и мостовите во Иран ако не се вратат на преговорите

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе