Опозициската СДСМ ја обвини владеачката ВМРО-ДПМНЕ дека преку државни компании испумпува пари за приватни фирми чии сопственици блиски до партијата. Станува збор за компанијата „Маратон груп“ која има добиено околу 1,5 милиони евра на тендери, а клиенти се Државната Лотарија и Државната видеолотарија кои се рекламираат на и во автобусите на ЈСП.
„Нема нови еколошки автобуси за скопјани ама има 1,5 милион евра за омилените фирми блиски до власта. ЈСП тоне и нема пари за нафта, резервни делови и плати, ама за приватната фирма „Маратон“ со само 11 вработени има пари. Затоа во 2025 година остварила чист нето профит од над 700.000 евра“, обвини Јон Фрчковски, член на ИО на СДСМ.
Од јавно достапните податоци може да се види дека „Маратон“ има добиено 26 тендери од државни компании во изминатите 10 години, а речиси единствен клиент му е Државната лотарија и видео лотарија.
Според СДСМ, ова го овозможил тогашниот директор на ЈСП, а сега генерален секретар на Владата, Игор Јанушев, кој во 2017 година потпишал договор со директорот на „Маратон“ за кој СДСМ смета дека му е близок пријател.
„Јанушев свесно го укина маркетинг секторот на ЈСП Скопје за претпријатието, наместо самостојно да го продава својот рекламен простор да се вклучи „Маратон“. Сега пред истекот на овие 10 години, власта ги храни своите фирми пред повторно да им го продолжат договорот за нови 10, 15 или повеќе години, ќе видиме“, Јон Фрчковски, член на ИО на СДСМ.
Од СДСМ обвинија дека пари се испумпуваат и кон компанијата „С.И.А. МЕДИА ДООЕЛ Скопје“ на чија сметка легнале речиси половина милион евра, а чиј сопственик е соосновач на „Маратон“.
Огнен Чанчаревиќ
