Вести Свет Топ вести

Џонсон се повлече од лидерската позиција на Ториевците, останува Премиер до изборот на нов предводник на Конзервативците

Борис Џонсон поднесе денеска оставка на функцијата лидер на владеачката конзервативна партија, прифаќајќи дека е јасна волјата на парламентарната група дека треба да има нов Премиер.

Џонсон најави дека постапката за избор на нов Претседател на партијата на Ториевците треба да започне веднаш а временската рамка во која тој процес ќе треба да биде завршен треба да биде објавена наредната недела. Додека не биде избран нов лидер ќе остане да и служи на нацијата како премиер, тврди Џонсон, изразувајќи жалење дека не му биле прифатени аргументите дека сега не е време за промена

Во последните неколку дена се обидов да ги убедам моите колеги дека би било ексцентрично да се менуваат владите кога толку многу работи исполнуваме, кога имаме толку широк мандат и кога заостануваме само неколку поени во анкетите, на половината од мандатот и по неколку месеци на непрекината кампања, и кога економската ситуација е многу тешка на домашен и меѓународен план. Жал ми е дека не бев успешен во моите аргументи и секако болно е да не можам самиот да ги реализирам многуте идеи и проекти. Но видовме дека во Весминстер, инстинктот на стадото е моќен, кога стадото се движи, тоа се движи. Пријатели мои, во политиката никој не е ниту малку незаменлив, изјави џонсон.

Повлекувањето на Џонсон следува откако и новиот министер за финансии на Британија, Надхим Захави, кој функцијата ја презеде пред само два дена, побара од него да си замине.

Во последните 24 часа, 58-годишниот Џонсон се соочи со рекорден број оставки од страна на министри и вработени во владата а притисокот врз него продолжи драстично да се зголемува уште од утринава со оставките на министерот за Северна Ирска и повеќе други помлади министри во Кабинетот.

Лидерот на Лабуристичка партија, најголемата опозициона партија во Велика Британија, Кер Стармер, го повика Џонсон веднаш да замине од премиерската функција. Стармер додаде дека неговите пратеници ќе повикаат на гласање на недоверба во Парламентот доколку Џонсон не се повлече, оценувајќи дека државата не може да продолжи со нефункционална влада, предводена од дискредитиран Премиер.

Тој мора целосно да си оди. Без овие глупости дека ќе остане уште неколку месеци. Тој наметна лаги, измами и хаос во државата. И знаете, ние сме заглавени со една влада која не функционира  среде криза со зголемување на трошоците на живот. Сите оние кои го промовираа треба целосно да се засрамат од себеси. Имавме 12 години на стагнантна економија, 12 години на прекршени јавни услуги, 12 години празни ветувања. Што е доста, доста е, рече Стармер.

Според британскиот политички модел откако членовите на владеачката Конзервативна партија, околу 100-тина илјади, ќе го изберат новиот лидер, Џонсон ќе ја достави својата оставка до Кралицата и таа ќе го повика новиот лидер на партијата со мнозинство во долниот дом на Парламентот, да ја формира новата влада.

Никола Илиевски

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЦУК: Сува трева и грмушки горат кај Пробиштип, Куманово и Петровец

Дејан Дејан

Песков: Не е можно замрзнување на конфликтот во Украина

Дејан Дејан

Притвор од 72 часа за македонската државјанка која прегази куче во Црна Гора

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе