Изминаа три месеци откако Русија ја започна својата инвазија на Украина, а крајот го нема на повидок. Оние кои се борат продолжуваат да плаќаат висока цена.
Не е јасно колку Украинци загинале во борба, бидејќи официјален Киев не објавува бројки. Но, претседателот Володимир Зеленски вели дека во борбите на истокот од земјата можно е дневно да гинат и по стотина војници.
Во вториот по големина град, Харков, кој беше опколен со недели, украинската контраофанзива ги турна руските војници на север и на исток. На дел од градските гробишта има еден дел каде се погребуваат борците. Убиен на 10 мај, 32-годишниот Олександер Матјухин го загуби животот кога гранати ја запалиле куќата во која била стационирана неговата единица.
„Мислам дека тоа е голема цена, животите на луѓето се бесценети и не е во ред млади луѓе да умираат. Дипломатијата мора да го реши ова“, смета командантот Алексиј Колесников. Додава дека е страшен начинот на кој мајките остануваат без синови.

Животот полека се враќа во нормала и во главниот град Киев. Жителите веќе цел месец не се кријат во подземната железница, а според градските власти 90% од инфраструктурата е вратена.
Сега руската војска е фокусирана да го освои Донбаскиот регион, на истокот од Украина. Тука војната се интензивира, а според првиот украински дипломат, оваа офанзива е „најголема на европско тло од Втората светска војна“. Дмитро Кулеба повика сојузниците на Украина да го забрзаат снабдувањето со оружје и муниција во земјата, особено повеќе системи за лансирање ракети, артилерија со долг дострел и оклопни транспортери.
Русија се обидува да ги опколи градовите Северодонецк, Лисичанск и Рубижне. Според Зеленски, руските сили се организирани да направат нов масакр во Донбас, во обид да уништат „сè што е живо“ во регионот.
