„Победи Европа, победи демократијата!“ Голем дел од светската јавност вака ја оцени вчерашната победа на Емануел Макрон во Франција. Со нив се согласува и повеќегодишниот амбасадор во неколку европски земји, Мухамед Халили. Вели дека овој успех на Макрон за Македонија е добредојден и реални се очекувањата на подобри времиња, иако во неговиот прв мандат немавме голема среќа.
Макрон е истакнат анти-путинист. Тој се залагаше и ќе се залага за прекин на војната во Украина, како и за евроинтеграциите кои треба да станат безбедносно прашање, смета халили.
За Македонија, нема реални европски шанси до јуни бидејќи партиите во Бугарија мора да изградат заеднички јазик, а голем дел од нив, според Халили, се под руско влијание.
Амбасадорот смета дека доколку резултатите од изборите во Франција беа поинакви, цела Европа ќе беше во криза поради националистичките ставови на Мари Ле Пен. Од Макрон очекува да биде еден од поголемите европски лидери.
Макрон ќе игра голема улога бидејќи европските лидери што може да имаат некаква улога се во мал број. Иако Шолц се обидува да ја преземе улогата што ја имаше канцеларката Меркел, тоа до сега е неуспешно, оценува халили.
Француските аналитичари констатираат дека земјата е поделена и дека Ле Пен, зад која застанаа 14 милиони гласачи наспроти 20-те милиони на Макрон, има големи очекувања од јунските парламентарни избори.
Тоа што мене ми остави најдлабок впечаток е колку всушност длабоко оваа земја е поделена, колку повеќе се поделува, и тоа го гледаме преку тоа со каква тешкотија можеме да го опишеме во една реченица значењето на овие избори, бидејќи од една страна имаме јасна, недвосмислена, солидна победа на Емануел Макрон, уште повеќе затоа што тој е актуелен претседател, но исто така имаме над 2 милиони гласови повеќе за Марин Ле Пен, споредено со 2017. Значи тоа е достоинствен пораз за неа. Не е понижувачки, туку достоинствен, и отсликува едно длабоко вкоренето движење кое постои тука. Овие два елементи мораме да ги земеме в предвид, вели Брис Тантурие, директор на ИПСОС.
Во вториот круг од претседателските избори Макрон победи со гласовите на 58,8 одсто од француските гласачи. Свесен е дека за него гласале и оние кои не ги поддржуваат неговите идеи, но сакале да ги блокираат идеите на екстремната десница. Пред него се ветувањата за зголемување на стандардот и реформи на пензискиот систем и на образовниот систем, но и европските предизвици со проширувањето, војната во Украина и бегалците.
Соња Николовска
