Неколку часа откако САД ги стави на црна листа поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, и неговиот братучед, поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешната главна обвинителка на Босна и Херцеговина, Гордана Тадиќ, со реакција се огласи државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, според кого Стејт департментот и министерството за финансии презеле акција за санкционирање на лица од Западниот Балкан за дестабилизирање и коруптивни активности.
„САД и партнерите, како Велика Британија, ги сметаат одговорни оние кои се закануваат на регионалната стабилност, прогрес и европската интеграциија“, напиша Блинкен на твитер.
Влегувањето на црната листа на САД и за Груевски и за Мијалков и за Тадиќ значи забарана, за нив, и за членовите на нивното потесно семејства влез во САД, но и замрзнување на нивниот имот и банкарски сметки.
Високи претставници на американското министерство за финансии по одлуката, не сакаа да коментираат дали новите имиња на црната листа имаат имот во САД, но потенцираат дека и за тројцата би било многу тешко да направат каква и да е трансакција во меѓународниот финансиски систем. Според нив, не е само прашање на директната поврзаност со САД, туку дека финансиските институции во своето дејствување ги имаат предвид и американските санкции. Притоа од американското министерство за финансии брифираат дека за Груевски, Мијалков и Тадиќ, би било исклучително тешко да оперираа во меѓународниот финансиски систем, со оглед дека е незамисливо некоја меѓународна финансиска трансакција да ја заобиколи САД.
За тоа, зошто, Груевски и Мијалков порано не се најдоа на црната листа на САД, со оглед дека судските пресуди и процеси против нив се стари по неколку години, високи претставници на американската администрација брифираат дека одлуката е донесена кога за тоа биле исполнети сите процедури и законски услови. Одлуката, како што брифираат, за ставање на двајцата поранешни високи функционери во извршната власт на земјава на црната листа, не е политичка порака, ниту е со цел да создаде политичка активност или да подржи некоја политичка опција, туку дека се работи чисто за активност насочена кон корупцијата кога таа е докажана и утврдена.
Инаку во документот на американското министерство за финансии освен наведување за какви се активсноти се товарат Груевски и Мијалков за да заслужат влез на црната листа на САД за Груевски се наведува и дека во моментов е директор и сопственик на компанијата со ограничена одговорност „I.C.I.C KFT“, регистрирана во градот Пецел, Унгарија.
Тамара Грнчароска
