По цели девет месеци, почна со работа Комисијата за избори и именувања. Од неа се очекува предлог за комплетирање на Уставниот суд со избор на четворица уставни судии, повеќе други кадровски решенија, но и составување на сите собраниски комисии. Условите за ставање во функција на оваа комисија се исполнија кога Собранието го разреши Фадиљ Зендели, а ја избра Марија Георгиевска за претседател и Дарко Каевски за член, со што, власта го задржа мнозинството.
Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев и годинава ќе го предводи Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“. Се доделува на 4-ти мај, на денот на неговото загинување, за научна книга или научно дело објавено претходната година. Одборот има само еден месец да објави конкурс и да утврди кој ќе ја понесе наградата во годината кога се навршуваат 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер.
Предлог составот на Одборот беше утврден на седницата на Комисијата за избори и именувања, која беше ставена во функција по 9-месечна пауза. Едногласно беа утврдени и предлози за нови членови во комисиите и делегациите, кои треба да ги пополнат местата што се испразнија кога 6 пратеници станаа градоначалници, двајца станаа министри, а Беса и Алтернатива ги сменија местата како власт и опозиција.
Неизвесно е кога ќе се утврди предлогот за четворица уставни судии. Оваа точка почна да се разгледува лани во јуни и оттогаш е отворена можноста за доставување предлози.
Партиите тактизираат со своите предлози. Заради тоа, Уставниот суд со месеци работи на раб на кворум, со 5-мина од предвидените 9 судии.
Соња Николовска
