Кавадаречкото обвинителство поднесе обвинение против лекарка од заводот во Демир Капија за тешки дела против здравјето на луѓето. Жртва на делото е 11-годишниот Илче кој претходно беше спасен од социјалните служби откако со години низ Охрид сите гледале како детето болно од церебрална парализа и со психо-физички нарушувања е приморано да проси од сопствената мајка.
Според ЈО,обвинетата лекарка „здравствената помош ја укажувала без да изврши непосреден физикален преглед на детето, ординирала терапија и неговата состојба ја следела со телефонски известувања, не дала инфузија, па поради тоа дошло до влошување на здравствената состојба на детето, настанала дехидрираност на неговиот организам и на 05.10.2020 година настапила смрт.“
За трагичната прикзна на Илче се дозна во јули 2020-тата кога беше одземен на мајката која заработи кривична пријава. Илче беше лекуван на детската клиника во Скопје, а потоа згрижен во Заводот во Демир Капија односно во станбена заедница во село Куршеница.
Соседите раскажаа дека малиот Илче спиел на чергиче на под, преживувал со една чаша млеко на ден и не бил капен цела година.
Два и пол месеци подоцна Илче наместо да се спаси почина од негрижа, а обвинителството утврди дека детето било болно, но не било лекувано соодветно. Ова беше конечен удар на државните служби кои не покажаа грижа за судбината на малиот Илче.
За делото за кое е осомничена лекарката предвидена е казна затвор од шест месеци до пет години.
Информацијата за Илче на линкот под, додека во продолжение е соопштение на обвинителството за обвинението против несовесната лекарка.
Илче од Охрид не бил искапен 1 година, живеел на чергиче на под со една чаша млеко
Соопштение на ЈОРСМ
Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетата, како лекар-специјалист по општа медицина, била ангажирана со договор за повремени и привремени работи во Јавната установа Специјалистички завод Демир Капија – станбена единица во село Куршеница.
Таму, во периодот од 01.10 до 05.10.2020 година, укажувала лекарска помош заради покачена телесна температура и дијареа на едно оштетено дете, родено 2009 година, сместено во Заводот како лице со тешко нарушување на психо-физичкиот развој и церебрална парализа. Меѓутоа, спротивно на Договорот, здравствената помош ја укажувала без да изврши непосреден физикален преглед на детето, ординирала терапија и неговата состојба ја следела со телефонски известувања, не дала инфузија, па поради тоа дошло до влошување на здравствената состојба на детето, настанала дехидрираност на неговиот организам и на 05.10.2020 година настапила смрт.
