Институтот за проучување на војната од Вашингтон соопшти дека руските сили постигнале напредок во опколениот јужен град Мариупол, влегувајќи во централното подрачје на градот на 24 март.
Пристанишниот град, кој се смета за клучен за руската окупација, е опколен од руски војници од почетокот на март.
Како што ситуацијата во Мариупол се влошува, локалните украински власти го напуштија градот за подобро да ги координираат регионалните операции, вели независната тинк-тенк организација со седиште во САД.
Институтот додава дека руските сили продолжиле да го гранатираат Харков и го погодиле местото на испорака на хуманитарна помош, при што загинале шест, а ранети се 15 лица. Се посочува дека има и неколку помали напредувања во регионите Доњецк и Луганск.
Исто така, наведува дека Украинците успешно ги нападнале руските бродови во окупираното пристаниште Бердјанск, додавајќи дека Украина ги принудила руските трупи да се бранат северозападно од главниот град Киев и ја спречила Русија да го опколи чернихивскиот регион.
