Одлуката на Апелациониот суд во Скопје да го пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите, оцени министерот за правда Бојан Маричиќ, посочувајќи дека поранешниот директор на УБК беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност.
Судиите на Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и Енвер Беџети кои ја донесоа оваа одлука треба да ѝ објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука, и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството, напиша Маричиќ на социјалните мрежи.
Министерот исто така апелираше до Судскиот совет да испита по кој основ судиите ја донеле оваа одлука.