Во жестока дебата со шефицата на Европската комисија, полскиот премиер ја обвини ЕУ за уцени поврзани со владеењето на правото. Брисел и Варшава пред европскиот парламент ја прикажаа долгогодишната тензија која постои меѓу нив, а судирот ескалира по пресудата на Врховниот суд во Полска со која беа отфрлени клучните делови од законодавството на ЕУ. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен порача дека нема да дозволи Полска да ги поткопа вредностите на Европската унија. Полскиот премиер Матеуш Моравиецки и врати дека треба да внимаваат на говорот на закани и обвини дека ЕУ ги пречекорува своите овластувања. Тој рече и дека ЕУ треба да престане да шири лаги дека Полска ќе ја напушти унијата или дека ќе се случи Полексит.
Полјаците во огромно мнозинство поддржуваат да се биде дел од ЕУ, покажуваат анкетите, но полската десничарска националистичка влада се повеќе се спротивставува на прашањата, почнувајќи од правата на ЛГБТ заедницата до независноста на судството. Чашата се прелеа по контроверзната одлука на Уставниот суд на Полска, која всушност го отфрла основниот принцип дека правото на ЕУ е над националното законодавство.
А.Ш.
