Се уште се гледаат трагите од вчерашните судири во Косовска Митровица и во Звечан. На улиците утринава има остатоци од патрони од испуканите куршуми и шок бомби. Испукани се стотици куршуми во вчерашните судрири меѓу косовските Срби и косовската полиција. Повредени беа десетици цивили, а ранетиот Србин кој беше операриран е надвор од животна опасност.
Инцидентите почнаа кога косовската полиција за економски криминал затворија неколку продавници во Косовска Митровица, со цел, како што соопштија да спречат криумчарење на стока. Тоа предизвика жестока реакција кај Србите кои со камиони и возила блокираа улици и раскрсници. Полицијата се обиде да ги растера со солзавец, но и тие возвратија со камења, по што почнаа и пукотници.
Полицијата соопшти дека се уапсени осум лица, за десетина се распишани потерници, меѓу нив и двајца Срби. Српските власти побараа помош од меѓународната заедница да реагира ид а го смири како што рекоа лудилото на премиерот Албин Курти. Претседателот Вучиќ разговараше со косовските Срби на кои им порача дека ќе го чуваат мирот, но ако се продолжи со пукање кон Србите, тогаш Белград нема да има избор.
