Од министерството за здравство соопштуваат дека било забележано оштетување на таблата за струја во модуларната болница во Прилеп. Оштетувањето синоќа е пријавено на МВР.
МЗ соопшти дека: Општа болница Прилеп до Министерството за внатрешни работи синоќа пријави случај на физичко оштетување на таблата за електрична енергија од модуларната болница. Обезбедувањето на болницата забележило дека таблата од надворешната страна на болницата е отворена со хебла и го известиле електричарот од болницата, а веднаш била повикана и полиција.
Струјата во модуларната болница е во функција, бидејќи надворешната табла не врши дотур на електрична енергија на опремата во болницата.
Во модуларната болница во Прилеп се хоспитализирани 17 пациенти, а вандализмот според МЗ не довел да се загрози животот на пациентите. Министерството апелира до надлежните институции за што побрзо расчистување на случајот.
Не е наведено дали модуларната болница има надворешно обезбедување, сопствено или од полицискиот состав.
Тетовската модуларна болница изгоре пред 11 дена, а во трагедијата загинаа 14 пациенти. Истрагата почна, но досега нема никакви официјални наводи за причина за избувнатиот пожар.
