Кандидатската листа за градоначалник на Скопје е најдолга во плуралната историја на градот. Покрај оние кои јавно ги објавија своите кандидатури и веќе почнаа да си упатуваат предизборни пораки, се допишаа и помалку експонирани претенденти, а и двајца лидери на партии.
Еден од нив е Горан Арсовски, претседател на Комунистичката партија- Титови леви сили. Вториот лидер е Мунир Колашинац од Бошњачкиот демократски сојуз. Родина Македонија го предлага Владимир Трајковски, ТМРО Славе Несторовски, Интегра оди со познатиот ортопед Тодор Ношпал. Другите кандидати се веќе афирмирани: ЛДП и ДОМ го предложија музичарот Бени Шаќири, Левица исто така предлага познат музичар – Петар Георгиевски Камиказа. Љубомир Јосифовски, кој не собра потписи за независна кандидатура, оди како предлог на партијата Демократи, Работници и Независни. Со граѓански потписи и поддршка на ВМРО ДПМНЕ и Алијанса-Алтернатива се кандидираше Данела Арсовска, како и Ана Петровска со поддршка на невладината Зелен хуман град. Твоја партија го кандидира адвокатот Александар Тортевски. С
ите 11-мина ќе настојуваат да ја преземат градоначалничката функција од Петре Шилегов, кој со поддршка на владеачките СДСМ и ДУИ, настојува да добие уште еден мандат.
Во трката за градоначалник на 80 општини и на градот Скопје учествуваат вкупно 297 кандидати. Во општина Центар ќе се соочат Горан Герасимовски, Наташа Котлар, Антони Новотни и уште четворица други кандидати, во Карпош Душко Весковски, Оливер Зафировски, Стевчо Јакимовски и други, вкупно 7, во Аеродром Александар Филиповски и Тимчо Муцунски и уште тројца. Неизвесни избори се очекуваат во Куманово меѓу Максим Димитриевски, Оливер Илиевски и Тони Михајловски, но и во Тетово, Гостивар, Струмица и во другите општини.
Дали сите што поднеле листи ќе станат кандидати, ќе се знае најдоцна до сабота. До тогаш, општинските комисии треба да ги проверат и потврдат кандидатурите. Додека трае постапката, одбиваат да коментираат дали во листите има недостатоци.
Истите предлагачи ќе добијат ист реден број во секоја општина, а жрепката за редоследот на гласачкото ливче ќе се изврши на 23-ти. Оние што ќе ја поминат кандидатската постапка, стартуваат со кампања за точно две недели.
Соња Николовска
