Новото парламентарно мнозинство и составот на новата Влада ќе останат непотврдени до Илинденските празници. Првите луѓе на СДСМ, вклучувајќи го и лидерот Зоран Заев, одат на одмор, но нагласуваат дека Заев е идниот премиер. Партијата соопшти дека е време граѓаните да здивнат од политика, но роковите ќе бидат запазени и по 2 август ќе влезат „во процес на дефинирање на владината коалиција водена од СДСМ“.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се чини, не мисли на одмор. Тој почна разговори со сите лидери на партиите на албанците, а портпаролот Бујар Османи порача дека „Сите патишта водат кон Мала Речица“, прикажувајќи дека СДСМ и БЕСА имаат идентичен број пратеници како ВМРО ДПМНЕ и Левица.
Граѓанскиот активист и аналитичар Ѓунер Исмаил смета дека наредните денови сепак ќе почнат разговорите меѓу овие две партии. СДСМ недвосмислено ќе ја составува Владата, а ДУИ нема да си дозволи да ја изгуби поддршката со некакви авантури.
И поранешниот министер Имер Селмани е уверен дека Заев и Ахмети, како искусни политичари, треба да бидат подготвени да ја продолжат владеачката соработка. Но, за стабилно мнозинство, ќе им биде потребен и трет партнер.
Уставните рокови се поврзани со конститутивната седница на Собранието, чие одржување се очекува од 30 јули до 5 август. Во рок од 10 дена, претседателот треба да му го довери мандатот на кандидатот на партиите што имаат мнозинство. Мандатарот добива 20 дена за да состави Влада и програма, што ќе биде поддржана од најмалку 61 пратеник.
Соња Николовска