Скоро 16 милиони евра – пари од данок на имот стануваат недостижни за Општините. Причината за тоа е што овие побарувања се постари од пет години и речиси е невозможно да ги наплатат.
Наместо да завршат во нивните каси и да се искористат за капитални проекти, за општините стануваат изгубен приход. Ревизорите излегоа со извештај за ефикасноста на општините да си ги наплатата своите приходи. Констатирале и дека вкупниот износ на ненаплатени побарувања по основ на данок на имот заклучно со крајот на 2024 е над 23 милиони евра. Оваа бројка е од податоците сублимирани во документите доставени од 28 општини.
Освен за данокот на имот, ревизорите објавија дека општините имаат ненаплатени побарувања по основ на даноци, такси и други надоместоци во износ од близу 50 милиони евра, но и дека тие целосно не ги користат капацитетите за нивно прибирање на овие пари.
Немаат доволно ниту обучен стручен кадар, методологијата за пресметка пак на вредноста на објектите е застарена и не ги опфаќа новите видови објекти и материјали, се применуваат цени кои не се ажурирани со години и кои не ја даваат реалната пазарна вредност, а сето тоа генерира помалку приходи.
Ревизорите посочуваат и дека иако низ годините има зголемување на наплатата на приходите кои тие треба да ги приберат, се уште се доста зависни од централната власт.
За ревизорите е спорно и тоа што во сите општини проверка вршат само 16 даночни инспектори кои пак немаат надлежност да изрекуваат глоби.
Проблемите во општините се прикаска која се крои со години. Иако, постојано се дотураат пари од државниот буџет, никако да се надминат.
Според, последните податоци на Министерството за финансии за една година нивниот долг пораснал за 22 милиони евра, или пак заклучно со март тие имаат вкупно доспеани, а неподмирени долгови од 86 милиони евра.
И експертската јавност постојано зборува дека се без капацитет, соодветен кадар за работа, а во некои има и превработеност со луѓе кои воопшто не се потребни.
Последно на Општините државата им даде 250 милиони евра за капитални проекти, а пред неколку години за време на претходната владина гарнитура од буџетот им беа префрлени 55 милиони евра за да си ги средат финансиските проблеми. Но и покрај тоа хаосот во општините остана.
Со ревизијата се опфатени 64 општини и нивната работа во период од 2020 до 2024 година.
Ирена Чачкова
