Загинал вработен на комуналното во Гостивар на 15 јуни кој интервенирал во водоводниот систем. Ова го открива полицискиот билтен за 15 јуни, настан кој се случил десет дена пред да почнат пумпите кој го загадуваа водоводот да работат. Случајот бил пријавен во полиција а првичните, информации биле дека тој дошол да го исчисти каналот на локација каде што имало одводни канали за прибирање на проточни води, се заглавил и починал. Денеска ниту од обвинителството ниту од МВР не одговараат дали е отворена истрага и дали ја знаат точната причина зошто човекот влегол во каналот. Тој бил од Дебреше, истотo село од кое после само неколку денови од инцидентот мештаните протестираа пред Општината Гостивар. На 19 јуни бараа поголем притисок на водата во нивните чешми а протестот ескалираше кога го искршија стаклото од влезната врата. За овој инцидент општината не поднела пријава во полицијата, а сторителите биле повикани во станица па пуштени.
„Случајот од страна на општината не беше пријавен во полициска станица, а оштетеното стакло беше сменето веќе следниот ден. Настанот е квалификуван како кривично дело „оштетување туѓи предмети“, кое согласно законските одредби се гони по приватна тужба“, рекоа од МВР
И после еден месец од овие случувања ниту обвинителството ниту МВР за сега не ги поврзуваат со поставувањето на пумпите кои ја загадуваа водата дело за кое сега се осомничени директорката на Комуналец со уште двајца директори. Градоначалникот рече дека не чувствува одговорност и покрај тоа што се договорил со Дебрешани да имаат трпение и дека проблемот ќе се реши за еден месец, а на Седница на советот само му оддале почит на загинатиот работник.
Во меѓувреме јавноста дозна и дека анализите кои биле правени на водата од системот биле исправни. Ги работел Центарот за јавно здравје од Тетово – подружница Гостивар, но денеска Министерот за здравство Сашо Клековски рече дека сепак два од резултатите биле дека водата не е исправна, но не откри зошто никој не ги известил граѓаните за ова.
„Има две негативни мислења имало, треба да ги погледнеме дали соодветствуваат, дали се истите места на контрола, бидејќи има различни описи на местата на контрола“, рече Сашо Клековски, министер за здравство.
Телма веќе објави дека само на фејсбук статус на комуналец на 25 ти јуни граѓаните биле известени дека водата не е за користење поради зафати на мрежата. По ова нема никакво известување дали смее да се користи. Денеска опозицијата побара одговорност за се што и претходеше на епидемијата во Гостивар.
„Загадувањето на водата започнало од крајот на јуни и никој не реагирал, никој на ништо не укажал туку ги оставиле граѓаните да пијат загадена вода. Институциите со недели молчат, а обвинителот Савески ја користи тајноста на истрагата како изговор зошто информациите не се соопштувале навреме на граѓаните“ рече Венко Филипче претседател на СДСМ.
За мешањето на фекална вода со питка се осомничени В.Д. директорка на ЈП “Комуналец” – Гостивар, технички раководител на Сектор за технички работи и раководител на Одделението за водовод.
Според обвинението на 25 јуни дале налози на вработени да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи близу до преливната комора со вода за пиење. Денеска им е отфрлена жалбата па тие остануваат во триесет дневен притвор што им го одреди судот во гостивар.
Билјана Николова
