Скопските општини ќе формираат комисии пред кои граѓаните ќе можат да ги пријават штетите предизвикани од невремето, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски по координативниот состанок со скопските градоначалници и кризниот штаб на Град Скопје, на кој ги сумирале штетите и последиците од вчерашното невреме.
Во координација со владата ќе се врши процена на пријавените штети по што, согласно законската регулатива, ќе почне постапка за поддршка на граѓаните при санацијата на оштетувањата на објектите за домување.
Договорено е и општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да извршат засилени и строги контроли. Ќе се проверуваат сите позиции и објекти каде што имаше оштетени кровни конструкции за да се утврдат причините за истото, земајќи предвид дека одржувањето треба да го имаат куќните совети.
