Вчерашното невреме кое зафати повеќе градови во државата сериозно ја погоди и електродистрибутивната инфраструктура, како на среден така и на низок напон. Сепак санирани се 90 отсто од дефектите. Поради оштетувања и неколку стотици паднати столбови, без напон останаа 2.308 трафостаници на Електродистрибуција.
Од Електродистрибуција соопштуваат дека во моментов на територија на цела држава, без напојување се сè уште 300 трафостаници, бидејќи паднатата вегетација на многу места целосно го блокира пристапот и дополнително ја отежнува работата. Сепак, на терен интензивно се интервенира и нема да се запре се до целосно нормализирање на состојбата.
Најмногу погодени беа делови од Скопје, Куманово, Кочани и други населени места низ Македонија. Компанијата ги стави на располагање сите свои капацитети и ресурси, кои остануваат мобилизирани се до целосно нормализирање на снабдувањето за секој корисник.



