Водата за пиење во Гостивар е забранета за употреба, а пумпи поставени во корито за отпадни води во Вруток и мешање со водата за пиење најверојатно е причината поради која над 1.000 гостиварци завршија во болница со здравствени проблеми. Од гостиварскиот „Водовод и комуналец“ велат дека е шпекулација и дека луѓето се затруле од храна.
Гостиварци сведочат за симптомите со кои се соочиле тие и нивните блиски. Според последните официјални податоци од гостиварската болница епидемијата почнала пред 72 часа.
„Ве известуваме дека поголем број на пациентите се со исти симптоми како повраќање, дијареја, болки во желудникот, температура, омалаксаност, итн. Најголем број на пациентите со овие симптоми има во Инфектологија, Детско одделение и во Ургентна Единица. За овие денови со овие симптоми се пријавени околу 1.000 -1.200 пациенти“, велат од ЈЗУ Општа Болница „Д-р Ферид Мурад’’во Гостивар.
Полициски екипи, вчера попладне ги откриле пумпите поставени во корито за отпадни води во селото Вруток. Засега нема приведени лица, истрагата се однесува на кривичниот дело „загадување на вода за пиење“ по член 219 од КЗ.
„Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода. Се работи за води кои протекуваат од дождови од разни изворчиња, кои се собираат во една линија и таа вода често се користи во канал за наводнување на земјоделието и во базени, односно во рибници“, рече Фатмир Реџепи, портпарол на СВР.
Директорката на гостиварски „Комуналец“ вели дека станува збор за шпекулации и пропаганда и дека луѓето се затруле од храна. Потврди дека се правел испуст на водата од мрежата, но тврди дека ниту капка вода од каналот не влегла во системот за водоснабдување.
„Пред некое време се направи една симулација дали ќе биде функционална новата линија што ја пуштаме, односно што ќе ја пуштаме од изворот Вруток. Значи таа вода не беше користена, во првиот испуст се празнеше линијата и после нормално се пушташе пак истата вода што беше од извор. Ние сме во контакт со Општа болница Гостивар, информациите кои што ги добиваме од таму, дека е од јадење и од високите температури. Има граѓани што викаат дека не ја користат водата за пиење купуваат вода и истите се со овој вирус“, вели Артана Асани, директорка на ЈП „Комуналец“ во Гостивар“.
Обвинителството отвори предмет и издава насоки на МВР, но и на другите агенции кои се вклучени како ИЈЗ и АХВ. Обвинителот Савевски сè уште чека на првичните официјални информации за да може да се квалификува делото.
По наредба на Обвинителството, ИЈЗ синоќа подигнало мостри од водата за пиење од четири локации.
„Екипата е вратена во раните утрински часови во Институтот каде што ги чекаше друга приправна екипа од Институтот која што добиените мостри ги постави за анализа. Во моментот тече микробиолошката анализа на примероците и тече физичко хемиската анализа на примероците. Во однос на првичните резултати за микробиолошките анализи очекуцваме дека првичните резултати ќе бидат наредните 48 часа согласно протоколите“, изјави директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) забрани да се користи водата од чешмите.
„Со надзорот утврдено е дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем“, известија од АXB.
Засега единствен без реакција или официјална информација е градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани.
Огнен Чанчаревиќ
