За една година, зградата на Еуростандард „поскапела“ за 3,7 милиони евра и се уште е во сопственост на Фондот за осигурување на депозити., може да се пресмета преку одговорите кои до Телма ги достави Фондот. Во февруари 2024-та година, кога граѓанскиот суд ја предал зградата на Фондот како наплата на дел од побарувањата, централата на Еуростандард вредела според судот над 8,4 милиони евра.
Но, фондот наредната година нарачал проценка која утврдила дека пазарната вредност на зградата е над 12 милиони евра. Зградата никој не ја користи.
-Зградата не е издадена под закуп, ниту се користи за сопствени потреби на Фондот. Неколку од канцелариите ги користи стечајниот управник на стечајната постапка и режиските трошоци ги сноси стечајниот управник, одговорија од Фондот за осигурување депозити (ФОД).
Растот на цената не е објаснет, а со зградата биле покриени 12,44% од долгот на Еуростандард кон Фондот.
Фондот ги намири и исплати сите штедачи на пропаднатата банка, односно сите депозити во висина до 30 илјади евра. Оние што имале толки или помалку се обештетени со пари од Фондот целосно, оние со поголеми влогови се оштетени во висина од 30 илјади евра.
Зградата сега е нем споменик и дел од државниот капитал, но е во рамки на средствата на Фондот за исплата и засега нема план за лицитација и продажба иако пред две години пред изборите имаше интерес за купување.
-Во овој момент неговата вредноста е евидентирана како намирување на побарување кое е дел од резервите на сигурност за обесштетување на депонентите од банки или штедилници кај кои настанал ризичен настан, т.е. банки или штедилници кои се во стечај или ликвидација на кои им е одземена дозволата за основање и работа од страна на НБРСМ, објаснуваат од Фондот за осигурување депозити (ФОД).
Според одговорот од Фондот, Еуростандард во рамки на стечајот должи се уште пари на фондот односно уште над 15 и пол милиони евра, а последната уплата е извршена во јуни оваа година. Минатата недела, обвинителството поднесе обвинение против сопствениците Трифун Костовски и неговиот син Коста и поранешните менаџери во Еуростандард Николче Петковски и Зоран Николовски.
Сопственикот Костовски преку ФБ статус обвини за непочитување на законот и обид на центри на моќ да го уништат со неиздржано обвинение во фингирана постапка. Обвинителниот акт во која 4-цата се обвинети за предизвикување на стечај на банка, е во Кривичниот суд на оценка.
Миомир Серафиновиќ
