Вести Македонија Топ вести

Трифун Костовски: Сивата еминенција и центри на моќ сакаат да ме уништат

Сивата еминенција и центри на моќ стојат и зад стечајот на Еуростандард банка и зад обвинението против мене, реагира бизнисменот Трифун Костовски во колумна на социјалните мрежи, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против четири лица за стечајот на банката и за штета од 27 милиони евра. Тој не прецизира која е сивата еминенција и кои се центрите на моќ кои сакаат да го уништат.

Поранешните директори на банката Николче Петковски и Зоран Николовски, како и Коста Костовски, синот на Трифун Костовски, како претседател на Кредитниот одбор, се обвинети за Предизвикување стечај на банка, а Трифун Костовски за Несовесно работење во службата како претседател на Надзорниот одбор на банката, чијшто сопственик беше. Се товарат дека издавале кредити без покритие кои потоа не биле враќани, со што доверителите биле оштетени за 27 милиони евра.

Костовски смета дека обвинението против него е правно и логички неиздржано. Како може да бидам гонет за колективни одлуки на Надзорниот одбор кој брои пет члена, прашува Костовски.

„Која логика би ме навела несовесно да управувам со институција во која сум вложил сопствен капитал, труд, углед и години од својот живот?“, прашува Костовски во колумната.

Директно обраќајќи ѝ се на обвинителката Катерина Коларевиќ, која го води случајот, Костовски ја прашува кому му служи, па прави паралела со случајот „Мазут“ кој го водеше истата обвинителка. Тој случај го затворивте за неполна година и ги ослободивте од одговорност, а Еуростандард ја истражувате 5,5 години за на крај да ме обвините за наводна несовесност, пишува Костовски.

„Дали постапувате исклучиво според законот и доказите или под притисок на центри на моќ кои сакаат моето име, мојот углед и мојот живот да бидат уништени?“, прашува Костовски.

Сивата еминенција ја обвинува и за, како што вели, неразумниот и неоправдан стечај на банката.

„Беа прескокнати инструменти и можности што стоеја на располагање за спас на банката. Но гувернерката Бежоска одлучи банката да биде однесена во стечај. Зошто? Чиј интерес беше исполнет? Кој посакуваше банката да исчезне? Моето уверување е дека така посакувала сивата еминенција“, пишува Костовски.

Тој најавува отворена битка за вистината со сите институции и поединци кои, како што вели, се обидуваат да ме понижат, замолчат и уништат.

Еуростандард банка отиде во стечај во август 2020 година, а Обвинителството отвори истрага во февруари наредната година.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Чибишев: Суицидални се дури 95 отсто од случаите на труење на Токсикологија

Tea Dimkovska

Единаесет години жителите на Тетово чекаат општината да струши дивоградба

Tea Dimkovska

Дали треба да се случи убиство? – Меланија од Куманово бара заштита од семејно насилство

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе