Четириесет и едногодишен кочанчанец, кој бил приведен откако во неговото возило била пронајдена бела прашкаста материја, синоќа на дрзок начин избегал од Полициската станица во Кочани. Осомничениот искористил прилика и го отворил прозорецот, по што се дал во бегство. Од Министерството за внатрешни работи го потврдија случајот.
„На 10.07.2026 во 20:35 часот во Полициската станица Кочани 41 годишниот А.Л. од Кочани кој претходно бил задржан во полициската станица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело, од просторија отворил прозорец и се дал во бегство. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето“, соопштија од МВР.
Опозициската СДСМ денеска со реакција дека скандалот во Полициската станица во Кочани отвора сериозни сомнежи за тешки пропусти, и како што велат „злоупотреби и спрега на ВМРО со криминалци“. Порачаа дека ресорниот министер Панче Тошковски не смее да молчи за овој скандал.
„Јавноста има право да знае: Кој е одговорен за овој скандал? Дали има грижа на совест што го пушти да избега наркодилерот А.Л викан Цуната, кој се поврзува и со дискотеката „Пулс“ во Кочани? Дали началникот на ОВР Кочани, Тоше Стојанов, е во бизнис со наркодилерот викан Цуната? Кој дозволи да побегне преку прозор од полициска станица Кочани, или пак некој го пушти“, прашуваат од СДСМ.
Од опозициската СДСМ велат и доколку обвинителството навистина подготвувало предлог за определување мерка притвор, тогаш овој случај е уште посериозен и бара итна и темелна истрага, како и одговорност од инволвираните службени лица.
Викторија Димитрова Јованова
