Во лондонската галерија Фрејмлес денеска се отвора нова дигитална инсталација инспирирана од фреските на Систинската капела, која со помош на проекции, 3Д анимации и звучни ефекти ги оживува ремек-делата на Микеланџело.
Поставката им нуди на посетителите уникатно доживување на едно од најпознатите уметнички дела во светот, објавува АП.
Авторите на проектот велат дека целта не е да се замени оригиналната Систинска капела во Ватикан, туку да им се овозможи на луѓето кои не можат да отпатуваат во Италија да ја почувствуваат нејзината уметничка величина преку современа технологија.
Изложбата комбинира повеќе од 50 тридимензионални модели, анимирани библиски сцени и музика, создавајќи интерактивно искуство.
Организаторите се надеваат дека дигиталната поставка ќе поттикне уште поголем интерес за оригиналното дело на Микеланџело, кое повеќе од пет века претставува едно од најголемите достигнувања на ренесансната уметност.
