Собранието ги усвои измените на Законот за финансиски лизинг, со кои што се зголемува заштитата на корисниците, се засилува надзорот на работата на лизинг компаниите, а се олеснуваат и условите за предвремена отплата на лизингот.
Сега се овозможува договорите за финансиски лизинг да се склучуваат и во електронска форма, доколку се исполнети условите согласно прописите.
Со измените се воведува можност корисникот на финансиски лизинг во секое време целосно или делумно да ги отплати преостанатите обврски согласно амортизацискиот план, без дополнителни трошоци.
Со тоа се обезбедува и право на намалување на вкупните трошоци за преостанатиот период од договорот.
Заштитата на корисниците се зајакнува и преку тоа што давателот на финансиски лизинг не може да го користи предметот како залог без претходна писмена согласност од корисникот.
Поголема заштита има за двете договорни страни во случај на стечај на едната од нив. Казните за сторени прекршоци достигнуваат до 20.000 евра, а постои и ризик за одземање на дозволата за работа.
Постојните лизинг компании ќе имаат рок од една година да се усогласат со новите правила, во спротивно нема да смеат да ја вршат дејноста.
