На двајцата пратеници од редовите на Вреди, Беким Ќоку и Аднан Азизи и на заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, не им бил забранет влезот во Албанија, туку тие се вратиле во Македонија во знак на револт што биле држени на граничниот премин „Ќафасан“ повеќе од еден час, иако имале дипломатски пасоши. Ова за Телма го изјави Муртезани, според кого нивниот четврти сопатник, кој не е функционер, имал забрана за влез во Албанија.
„Ние реагиравм, па можеше многу брзо да ни кажат дека има проблем, а не да чекаме еден саат за да ја добиеме таа информација. Ние во знак на револт и индигнација не продолживме понатаму, иако ни рекоа од нивна страна дека можеме да продолжите, и човекот што беше со нас, тој не може да влезе во Албанија. И во знак на револт од тоа што чекавме саат и повеќе, ние се вративме со другиот придружник што беше со нас“, изјави Хасим Муртезани, заменик генералниот секретар на владата на РСМ.
Муртезани вели дека тие не добиле објаснување од граничните власти зошто на нивниот сопатник му е забранет влез во Албанија и дека не е точно дека тој и другите двајца функционери од ВРЕДИ биле на некакви црни листи на албанската држава.
Тие во Албанија не патувале службено, биле со приватни возила, а таму, како што вели Муртезани, требале да имаат средби и состаноци, но не како претставници на државни институции.
Иако Муртезани вели дека не им бил забранет влез во Албанија, Телма неофицијално дознава дека во македонското МНР имало средба со претставник на амбасадата на Албанија во земјава за настанот во кој биле инволвирани двајцата пратеници од ВРЕДИ и заменик-генералниот секретар на Владата, на граничниот премин „Ќафасан“.
Притоа била побарана официјална информација од албанските власти за настанот во кој на државјани на нашата земја не им бил дозволен влез во Албанија.
И од матичната партија на тројцата функционери од ВРЕДИ, лиферувано доцна синоќа, беше дека на пратениците Ќоку и Азизи, како и на заменик-генералниот секретар на Владата, Муртезани, не им било дозволено да влезат во Албанија, при што побараа од Албанија да информира дали навистина постои и кои се конкретните причини за таква мерка.
Од матичната партија на тројцата функционери, ВРЕДИ, неофицијално наведуваат дека се работи за дипломатски инцидент, за што ќе треба да се даде објаснување. Неофицијалните информации од таму се дека забраната за влез во Албанија на четвртиот патник, најверојатно е поради поврзаност со протестите кои се одвиваа во Албанија против официјалните власти на државата.
Тамара Грнчароска
