Зголемувањето на буџетскиот дефицит претставува ризик за стабилизацијата на јавниот долг на среден рок, предупредува агенцијата за кредитен рејтинг и економски анализи „Фич“. Ребалансот на буџетот предвидува дефицитот годинава да порасне од 3,5% на дури 4,1% од БДП.
Според „Фич“, чии очекувања се дефицитот да изнесува 3,9%, продлабочувањето на буџетската дупка создава ризици за стабилизација на долгот на среден рок.
„Ревизијата на целта за дефицит сигнализира дека сидрото на фискалната политика на Северна Македонија останува слабо. Властите постојано го одложуваат спроведувањето на OBL (Закон за органски буџет) со последното поместување до 2028 година. Усвоен во 2022 година, Законот за органски буџет наметнува ограничување на дефицитот од 3% од БДП и ограничување на јавниот долг од 60%“, пишува во извештајот на „Фич“.
„Фич“ посочува дека неуспешно спроведување на фискална консолидација претставува ризик за кредитниот рејтинг на Македонија, што би се ефектуирало со поскапо задолжување.
За аналитичарите од „Фајнанс тинк“, зголемувањето на дефицитот е очекувано поради геополитичките случувања, но тоа носи повеќе ризици за кои тие веќе предупредуваа претходно.
„Имаме одложена консолидација трета година по ред, зголемување на примарниот дефицит за следна година, каматен товар кој што надминува 2% од БДП и тоа се јасни фискални ризици кои што постоеја и беа идентификувани многу поскоро. Значи, ова проширување не нè изненадува во моментот, меѓутоа го оценуваме како своевиден фискален аларм во услови кога растот покажува знаци на забавување, а инфлацијата има понатамошно зголемување и онаа фискална консолидација која што беше забележана во изминатиот период може лесно да биде избришана во периодот кој што следи. Секое големо зголемување на буџетскиот дефицит над овие таргети значи дека ние ги трошиме сите оние резерви кои и во моментот не ни постојат и во иднина на потенцијални шокови ние не можеме да реагираме соодветно, затоа што немаме никакви резерви кои ни се на располагање. Вториот аспект е дека секое едно задолжување кое не креира дополнителен развој, нас само ни ги зголемува обврските по основ на камати, кои што и во овој момент претставуваат значаен издаток од вкупниот буџет, а тоа значи дека ние го намалуваме просторот за развојно задолжиување во иднина и развој на економијата“, вели Благица Петрески, извршна директорка и главна аналитичарка во „Фајнанс тинк“.
„Фајнанс тинк“ алармира дека итно е потребна длабинска анализа на расходите, а се апелира и на максимална реализација на капиталните инвестиции. Во спротивно, продлабочувањето на дефицитот би било неоправдано.
Мирјана Јовеска
