Вести Македонија Топ вести

Организатори на „Разговори за иднината“ до Филипче: На несериозни покани не одговараме

СДСМ засега нема да преземе никакви драстични чекори против партиските членови кои деновиве се обединија во иницијативата „Разговори за иднината 12:05“ и јавно критикуваа за состојбите во партијата. Дознаваме дека на синоќешната седница на Извршниот Одбор имало и барања да се настапи поостро кон нив, но надвладеало мислењето засега да се остане само на повик, незадоволството да го изразат пред партиските органи и тела, а не надвор. Сепак, останува ставот дека, ако продолжат со критики и дебата вон партиските структури, нивниот понатамошен статус повторно ќе се разгледува.

Во партијата сметаат дека незадоволството на поединци е од лични мотиви и амбиции, а не за спас на партијата, како што се претставува. Раководството синоќа одби да даде изјава, а во партиското соопштение им упати повик на незадоволните, дебатата што се однесува на СДСМ да се води во партијата.

„Извршниот одбор на СДСМ донесе заклучок јавно да ги повика на дебата сите поединци или групи, да дебатираме тука. Вратите се отворени за секој што ѝ мисли добро на партијата и што споделува прогресивни вредности. Само низ дијалог и соочување на аргументите меѓусебно може да се разговара, не преку медиуми, не преку вонпартиски иницијативи и платформи кои ѝ прават штета и ја рушат партијата од внатре“, соопштија од СДСМ.

Но, организаторите на таканаречените „Разговори за иднината“ им вратија дека на покани без датум, време и место не одговараат, бидејќи се несериозни.

„Ние подолг период дебатираме со бројни искрени членови на СДСМ и поддржувачи кои посакуваат силна опозиција. Но, немаме намера да преговараме со оние кои ги создадоа проблемите. Затоа, му порачуваме на Венко Филипче дека бадијала испраќа луѓе кои ни нудат високи партиски функции. Во СДСМ треба да се случат структурни реформи кои ќе ја вратат партијата на членството. Ова раководство живее во виртуелен свет. Ако Филипче ја говореше вистината, ќе признаеше дека месеци претходно е лично од нас информиран за нашиот план за санација на СДСМ, а тој реши да се обиде да нè дискредитира на најпримитивен начин“, соопштија организаторите на „Разговори за иднината 12.05“.

Најавија дека разговорите за иднината продолжуваат со адресирање на вистинските проблеми, без оптоварување со внатрепартиските проблеми на Филипче.

Таканаречената платформа беше промовирана на 1 јули од истакнати припадници на различни генерации на СДСМ.

Меѓу нив е и актуелната пратеничка Славјанка Петровска, како и  Андреј Петров, Игор Ивановски, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Сашко Митовски и многу други поранешни функционери.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Можно труење со храна во ТИРЗ зоната во Штип – епидемиолошки тим земал мостри од храна и брисеви од работни површини во кујната

Sasko Dimovski

Кога ќе се потрошат моменталните залихи лекот Фостер ќе биде достапен без доплата за граѓаните – рече Клековски

Дејан Дејан

Мицкоски: Засега нема мерки против инфлацијата

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе