Предлог-законот за изменување и дополнувње на Законот за студетскиот стандард е доставен до Собранието и треба да се разгледува по скратена постапка. Иако последните измени на истиот закон беа донесени на 18 мај годинава, пред пратениците повторно се предлагаат измени. Засега, за Предлог-законот сè уште не е закажана седница на која ќе се разгледува.
Со новите измени, предложени од нгрупа пратеници, за првпат се воведува старосна граница за сместување во државните студентски домови. Според предлогот, право на сместување и исхрана ќе имаат студентите кои студираат надвор од местото на живеење, доколку на денот на поднесување на барањето за прием не навршиле 30 години.
Предложените измени значително интервенираат и во дисциплинските правила што важат за студентските домови. Законот подетално ги уредува воспитните мерки, ги прецизира полесните и потешките повреди на куќниот ред и ги проширува последиците за студентите кои ќе ги прекршат правилата.
За полесни повреди и понатаму се предвидени писмена опомена и опомена пред отстранување, додека за потешки прекршоци ќе може да се изрече забрана за користење на услугите во сите студентски домови на територијата на државата, наместо само во домот во кој престојува студентот.
Како потешки повреди, покрај внесување и употреба на алкохол и наркотични средства, неплаќање на трошоците за сместување, предизвикување материјална штета и поттикнување национална или расна нетрпеливост, сега експлицитно се наведуваат и физичко или психичко малтретирање, вознемирување, дискриминација, агресивно и заканувачко однесување, како и секое друго недолично постапување со кое се загрозуваат безбедноста, здравјето, интегритетот и достоинството на студентите и вработените во домовите.
Се предлага и значително зголемување на времетраењето на најстрогата дисциплинска мерка. Наместо досегашната можност забраната за користење на студентски дом да трае до една година, со новите измени таа ќе може да се изрече од најмалку една до најмногу пет години.
Дополнително, по конечноста на одлуката за изречена воспитна мерка, студентските домови ќе имаат обврска во рок од три дена да го известат Министерството за образование и наука. Предвидено е и писмената опомена и опомената пред отстранување да влијаат врз редоследот при идните конкурси за прием, додека студентите на кои им е изречена забрана нема да можат да бидат сместени во ниту еден студентски дом во државата за времетраењето на санкцијата.
Во образложението на Предлог-законот се наведува дека целта на измените е да се прецизира старосната граница за прием во студентските домови и да се доуреди постапката за изрекување воспитни мерки, со цел да се обезбедат поголема правна сигурност, заштита на безбедноста, достоинството и подобри услови за престој во студентските домови.
Теа Димковска
