Прво договорете се меѓу себе што сакате, ние ќе прифатиме сè што ќе побарате, само дијаспората да може да гласа по електронски пат или по пошта, им порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски на СДСМ, ДУИ и Левица во врска со Изборниот законик.
„Македонксата јавност е сведок на целосна политичка конфузија од страна на СДС, Левица и ДУИ во однос на новиот Изборен законик. Не може еден ден да се договараат, а следниот ден да го блокираат истиот закон кој веќе бил договорен. Не може во јавноста да пласираат различни тези, а зад затворени врати да преговараат за сосема други прашања. Затоа ги повикуваме најпрво да се договорат меѓу себе. Да седнат да се договорат за една изборна единица, да седнат да се договорат за модел на финансирање, да седнат да се договорат за поплаките и начинот на којшто тие би биле прифатливи и конечно, да седнат и да се договорат дури и за моделот за изјаснување на дијаспората. Сето тоа коешто овие опозициски партии ќе го понудат до нас, ние тоа ќе го прифатиме“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
