Претседателката на ЛДП и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, е избрана за потпретседателка на Парламентарното собрание (ПС) на ОБСЕ.
„Потпретседателство на ПС на ОБСЕ е огромно меѓународно признание, но не само за мене лично или за ЛДП, туку за сите мои сограѓани во Македонија. Ова е успех за секој наш човек, не само од мојата изборна единица и не само за оние кои ме гласале на изборите дома. Со оваа голема победа во Хаг докажуваме дека можеме рамноправно да се носиме на отворени избори со претставниците на највисоките и најмоќните демократии во светот. Мораме конечно да почнеме цврсто да веруваме во себе, во нашиот капацитет и во она што ние од Македонија ѝ го нудиме на Европа и на светот, денес, но и во иднината. Благодарна сум за покажаното единство на македонската делегација и за големата доверба од колегите од 57-те земји членки на ОБСЕ, со кои заедно ќе продолжиме интензивно да работиме на воспоставување механизми за поголем степен на демократско учество и брзо решавање на евентуалните конфликти“, рече Зајкова по изборот.
Зајкова доби силна поддршка од парламентарните делегации на 57 земји од Европа, Северна Америка и Централна Азија на 33-тата годишна сесија на ПС на ОБСЕ во Хаг, Холандија. Свои кандидати за позицијата номинираа и Полска, Франција и Словенија.
Потпретседателите на ПС на ОБСЕ се избираат со мандат од три години и го сочинуваат највисокото раководство на организацијата која обединува над 300 пратеници.
