Случајот со Фоларин Балогун прерасна во еден од најголемите скандали на Светското првенство 2026 година, откако американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека побарал од ФИФА да ја преиспита суспензијата на репрезентативецот на САД.
Балогун доби директен црвен картон во победата против Босна и Херцеговина во првата нокаут рунда и требаше автоматски да го пропушти осминафиналниот дуел против Белгија. Сепак, Дисциплинската комисија на ФИФА се повика на членот 27 од Дисциплинскиот кодекс и ја стави казната од еден натпревар во мирување на условен период од една година.
Тоа значи дека американскиот напаѓач, кој има три гола на овој Мундијал, ќе биде во конкуренција за настап против Белгија. Доколку во следните 12 месеци направи сличен прекршок, суспензијата ќе биде активирана.
Трамп јавно ја поздрави одлуката на ФИФА, порачувајќи дека била исправена голема неправда. Според информациите, тој претходно контактирал со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, и побарал случајот повторно да биде разгледан.
„Се што направив е, само побарав да биде разгледана одлуката, бидејќи јас сметам дека не беше прекршок. Јас сум добар во овие работи. Мислам дека двајца добри спортисти се удрија еден во друг. Тоа не беше дека некој го удри другиот во лице“, кажа Трамп пред медиумите во Белата Куќа.
Одлуката предизвика жестока реакција во белгискиот табор. Белгиската фудбалска федерација соопшти дека е „зачудена“ од потегот на ФИФА и потсетија дека членот 10.5 од правилникот јасно предвидува автоматска суспензија за следниот натпревар по добиен директен или индиректен црвен картон.
Белгиската федерација потоа излезе со ново соопштение, во кое наведе дека сè уште не добила ниту образложена одлука, ниту конкретно објаснување од ФИФА за статусот на Балогун. Поради тоа, Белгијците соопштија дека немале друга опција освен да го оспорат неговато право на настап на натпреварот.
Со жестока реакција се јави и УЕФА, која оцени дека ФИФА ја „преминала црвената линија“. Европската куќа на фудбалот соопшти дека автоматската суспензија по црвен картон не е прашање на дискреционо толкување и предупреди дека ваквата одлука ја загрозува довербата во правилата, интегритетот на натпреварувањето и кредибилитетот на ФИФА.
Случајот со Балогун сега отвори огромна дебата за политичко влијание врз фудбалот, независноста на ФИФА и еднаквата примена на правилата на најголемата светска сцена.
