Силно невреме проследено со пороен дожд и град вчера попладне предизвика големи штети врз земјоделските површини во струмичкиот регион. Според првичните информации од терен, градот за само неколку минути ги оштетил насадите, а силниот дожд дополнително ги поплавил нивите.
Силното невреме ги погоди посевите на потегот од селата Банско, Колешино, Бориево и Муртино. Најмногу штета има на посевите на отворено, особено на бостанот.
Земјоделците велат дека штетите се значителни и стравуваат дека дел од родот е целосно уништен, што ќе предизвика сериозни финансиски загуби. Тие очекуваат надлежните институции во наредните денови да излезат на терен и да извршат проценка на последиците од невремето.
„Градот најмалку 20 минути траеше, голем колку џамлии“, вели еден земјоделец.
„Нема ниту еден лист, а без лист нема род“, вели друг земјоделец
Повеќе информации за обемот на штетите и евентуалните мерки ќе бидат познати по официјалниот увид на надлежните институции.
Сузана Мицева
