Обвинителен акт за поранешниот директор на земјоделскиот инспекторат Васе Анакиев за примање поткуп од 50 илјади евра откако парите беа пронајдени под совозачкото седиште во неговиот автомобил и тој заврши во притвор во март годинава. Анакиев, според обвиниението вршел притисок да не се одобри увоз на вештачко ѓубриво на фирма која се занимавала со негово производство и увоз. Притоа тој влијаел и кај фитосанитарен инспектор на граничен премин, да не го одобри влезот на стоката во државата, поради што таа неколку дена била задржана.
Обвинетиот, како службено лице – директор на Државниот инспекторат за земјоделство, во март годинава директно побарал и прибавил значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.
Тој за да ја заврши работата побарал поткуп од 100 илјади евра, а беше фатен од полицијата со половина пари од сумата.
На 13.03.2026 година обвинетиот во Свети Николе директно побарал поткуп во износ од 100.000 евра за одобрениот увоз и за идните увози на вештачко ѓубриво, при што побарал износот да биде исплатен во три рати. На 19.03.2026 година, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50.000 евра, обвинетиот бил лишен од слобода при преземањето на парите од полициски службеници.
Анакиев беше потпретседател на Социјалистичката партија- СПМ која е дел од владечката коалиција.
Марија Митевска
