Наместо да се намалуваат, бројот на дивоградби во земјава расте. Државниот завод за статистика лани регистрираше дури 911 бесправно изградени објекти, што би значело дека секој ден никнуваат по најмалку две дивоградби. Алармантно е што оваа негативна статистика бележи раст од дури 20 отсто споредено со 2024 година, а стручната јавност стравува дека бројката е многу поголема од официјалните податоци.
„Мислам дека и самите луѓе не ја сфаќаат доволно сериозно опасноста од дивоградбите, посебно во зони или подрачја како што е нашето, кои што се зони со високоактивно сеизмичко подрачје и затоа за истите треба да се поведе некаква сметка. Проблемот во основа се генерира во неколку точки да речам, тоа е бесправното градење нормално, меѓутоа надлежноста за бесправните градби е во основа во општините, поточно инспекцискиот надзор е тие што би требале да бидат првата одбрана во тој систем каде што би требале да ги детектираат, регистрираат практично и потоа да се започне процедура во која што тие ќе се сопрат со градба и ќе се заврши во некоја постапка. Сметам дека како и во многу други случаеви овие некои институции кои што оправдано или неоправдано се надлежни мора да се екипираат, мора да се организираат на начин на кој што би се справиле со ваквите појави. Она што е алармантно е што сведоци сме на повеќегодишно делување во градежништвото каде што е неконтролирано и едноставно ние како професија сме загрижени за тоа што и како би се случувало во некои ситуации да речеме уште е свежо, пред само неколку дена имавме земјотрес во Венецуела каде што се покажа дека дури и за состојби каде што се контролира градбата може да се случат такви рушење, а особено во состојби каде што немаме никакава контрола опасностите може да бидат и се очекува да бидат поголеми“, вели Јосиф Јосифовски, декан на Градежен факултет.
Дивоградбите се долгогодишен проблем во Македонија, а за нивната егзистенција не придонесува само и можноста за легализација, туку и непостапувањето од страна на институциите, како и неказнивоста на таквите дела. Дури третина, или 285 од дивоградбите лани всушност се станбени или деловни објекти.
За Градежниот факултет е недозволиво да се легализираат дивоградби без да постојат дополнителни интервенции и контроли за истите.
„И во состојби кога се регистрирани тие дивоградби институциите потфрлаат и тука, не се процесуираат до крај, потребно е да се преземат некакви интервенции дури и кога ќе се донесат некакви одлуки за рушење сведоци сме дека истите не се случуваат. Говориме за систем во кој мора тоа да биде организирано и да ја гарантира безбедноста на граѓаните затоа што не знаете утре кога ќе се стави таа недвижност во промет дали вие или јас ќе бидеме корисник на тој недвижен имот и понатаму последиците може да бидат сериозни и за нас. Значи, државата е задолжена, општините имаат одговорност да обезбедат на своите граѓани простор во кој што ќе се чувствуваат сигурни и безбедни“, рече Јосиф Јосифовски, декан на Градежен факултет.
Праксата покажува дека дури и откако ќе се констатира бесправно градење и ќе се донесе одлука за уривање, тоа може да се одолговлекува со години. Еден од последните примери е општината Чаир, која пред неколку месеци распиша, а потоа и го поништи тендерот за избор на фирма за уривање дивоградби поради тоа што не се пријавила ниту една компанија.
Општина Чаир на почетокот на овој месец распиша тендер за избор на фирма за уривање на бесправно изградени објекти на територијата на општината, вреден 3 милиони денари, односно скоро 50 илјади евра, но пред неколку дена постапката беше поништена.
Мирјана Јовеска
