Вести Македонија Топ вести

Профили на новите министри во реконструираната Влада

Комбинации од политичко, административно и академско искуство. Кај дел од имињата, образовни профили кои привлекуваат внимание, други пак, со долгогодишна работа во граѓанскиот и јавниот сектор. Со освежен состав ќе се заокружи најавената реконструкција на Владата.

Промени има во повеќе ресори. Досегашниот министер за здравство Алиу ја напушта функцијата, а на негово место доаѓа досегашниот директор на Фондот за здравство. Сашо Клековски повеќе од три децении е дел од јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор. По образование е лекар и поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. На местото на Клековски, во Фондот заминува досегашниот министер за локална самоуправа, Златко Перински.

Движењето ЗНАМ повеќе нема да има свој министер во Министерството за правда, а на сметка на тоа добиваат место во Земјоделство. На позицијата на Филков доаѓа Јетон Шасивари како предлог на Вреди – правник и универзитетски професор, специјализиран за уставно право.

Во Министерството за земјоделство доаѓа Борче Серафимовски, како предлог на ЗНАМ. Тој е досегашен државен секретар во министерството. Дипломирал и докторирал во Бугарија, а поголемиот дел од кариерата го поминал на Меѓународниот славјански универзитет.

Во Министерството за социјална политика, демографија и млади доаѓа Ѓоко Велковски, на местото на досегашниот министер Фатмир Лимани. Тој е дипломиран економист, извршувал раководни функции во Труд и социјала. Во 2024 беше технички министер.

Од Култура заминува Љутков, а на позицијата доаѓа Седат Сулејмани – кадар предложен од Вреди. Во периодот од 2020 до 2021 година ја извршуваше функцијата заменик министер за култура во претходната Влада.

Иван Стоиљковиќ го напушта Министерството за политички систем, а на негово место доаѓа Агон Ферати. Ферати има повеќегодишно искуство во областа на унапредување на јавните политики. Досегашниот министер Стоиљковиќ ќе ја заземе позицијата министер за локална самоуправа.

Како министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите доаѓа Ерџан Демир – кадар на ВМРО-ДПМНЕ, активен член и претставник во општинската структура во Шуто Оризари.

Списокот со имиња на новите министри се очекува да влезе во собраниска процедура веќе од наредната недела.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Секој ден во државата никнуваат по две нови диговрадби и тоа во зони со високоактивно сеизмичко подрачје

Tea Dimkovska

Пропаднат асфалт и непроодни и ризични патишта – жителите на Кисела Вода и Сопиште оставени без алтернативен правец

Дејан Дејан

(Видео)Поплавени улици поради невремето кое го зафати Скопје – Кризниот штаб на градот мобилизиран

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе